Брилијантин (филм)
Брилијантин (англиски: Grease) — американски филм од 1978 година, во режија на Рендал Клејсер. Главните улоги ги играат: Џон Траволта, Оливија Њутн-Џон, Стокард Ченинг, Џеф Конавеј, Бери Перл, Мајкл Тучи, Кели Ворд, Диди Кон, Џејми Донели, Дајна Маноф, итн. Филмот бил номиниран за наградата „Златен глобус“ во пет категории, а имал и една номинација за „Оскар“.[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Дејството на филмот се одвива во 1959 година, во средното училиште Рајдел. Во него, и девојките и момчињата имаат свои неформални групи при што водач на момчињата е Дени Зуко (го игра Траволта), додека девојките ги предводи Ризо (го игра Ченинг). Сите девојки во училиштето лудуваат по Дени, но сè се менува по неговата краткотрајна романса со девојката Сенди Олсон од Австралија. Еден ден, во училиштето доаѓа нова ученичка, а тоа е токму Сенди (ја игра Њутн-Џон). На почетокот, Дени се прави дека е рамнодушен кон неа, со цел да не биде исмеан од своите другари, но набргу не може да издржи и ја признава својата љубов кон неа. Меѓутоа, за време на натпреварот по танцување, на кој отпрвин играат Дени и Сенди, Денди продолжува да игра со друга девојка, а налутената Сенди ја напушта салата. Сепак, подоцна, таа доаѓа да ја гледа трката со автомобили меѓу Дени и водачот на соперничката група во кој Дени успева да победи. По завршувањето на учебната година, за време на забавата, наеднаш Сенди се појавува со сосема изменет лик и тогаш таа и Дени се помируваат, а тоа го прават и другите девојки и момчиња.[2]