Прејди на содржината

Тамара (снаа на Јуда)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тамара и Јуда, од Рембрант

Тамара (библиски хебрејски: תָּמָר) — старозаветна личност од книгата Битие; жена на Ир, првородениот на Јуда (предокот на племето Јуда) и Онан. Нејзините синови се Зара, и Фарес — предок на јудејскиот цар Давид, а со тоа и на Исус Христос.

Приказна

[уреди | уреди извор]

Тамара била девојката што се омажила за Ир, првородениот син на Јуда. Таа останала вдовица откако Ир бил убиен од Бог затоа што бил непослушен. Бидејќи Тамара немала деца, според тогашните обичаи, се омажила за Онан, братот на нејзиниот починат маж, за да може да роди наследник што ќе се смета за првороден од најстариот син. Меѓутоа, Онан не сакал неговиот син да се смета за наследник на Ир, па за време на односот со Тамара го истурил неговото семе на земја, а Бог за тоа го казнил со смрт. После тоа, Јуда ја вратил Тамара во куќата на нејзиниот татко и ѝ рекол да остане таму додека не порасне неговиот најмлад син Шела (друга варијанта: Силом). По некое време, починала жената на Јуда, која била ќерка на Суја.[1]

Тамара забележала дека Шела веќе одамна пораснал, а сепак не била во брак со него. Кога слушнала дека Јуда, свекор ѝ се враќа од Тамна, ја соблекла вдовичката облека, го покрила лицето и отишла на раскрсницата каде што требало да помине свекорот. Кога дошол Јуда, не ја препознал Тамара бидејќи го покрила лицето. Мислел дека е некоја блудница. Тој ѝ рекол дека ќе ѝ испрати јаре за нејзините услуги кога ќе дојде дома, но Тамара побарала залог додека тој не го испрати јарето, па го зела прстенот, стапот и марамата на Јуда. Тамара после ова останала бремена со Јуда.

Кога Јуда го испратил јарето, Тамара повеќе не била таму. Откако поминале околу три месеци, на Јуда му било кажано дека неговата снаа Тамара извршила прељуба и дека забременила. Како казна за тоа, Јуда наредил да ја запалат. Кога дошле да ја одведат, Тамара му го испратила на Јуда својот стап, прстен и марама, велејќи дека останала бремена од човекот што ги оставил за неа. Слушајќи го ова, Јуда рекол дека Тамара е поправедна од него и ја оставил жива.[2]

  1. Името на жената на Јуда е непознато. Но се знае дека била ќерка на Суја (варијанти: Сава, Шуа, Суа, Шуја).
  2. „Bible Gateway passage: Genesis 38 - New International Version“. Bible Gateway (англиски). Посетено на 2024-03-25.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]