Прејди на содржината

Насмевки во летната ноќ (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Насмевки во летната ноќ (шведски: Sommarnattens leende) е шведски игран филм од 1955 година, дело на режисерот Ингмар Бергман (Ingmar Bergman), кој е автор и на сценариото. Директор на фотографијата е Гунар Фишер. Улогите ги толкуваат: Гунар Бјернстранд (Gunnar Björnstrand), Ула Јакобсон (Ulla Jacobsson), Ева Далбек (Eva Dahlbeck), Хариет Андерсон (Harriet Andersson), Јарл Куле (Jarl Kulle), Маргит Карлквист (Margit Carlqvist), Бјерн Бјелфенстам (Björn Bjelfvenstam) итн. Филмот, кој трае 108 минути, е снимен во црно-бела техника и со моно звук, а во продукција на Шведската филмска индустрија (Svensk Filmindustri). Во 1957 година, филмот бил номиниран за наградите на Британската филмска индустрија (BAFTA) во три категории: најдобар филм, најдобар стански глумец и најдобра странска глумица, но не добил ниту една награда. Една година претходно, филмот бил номиниран за „Златната палма“ на Канскиoт фестивал, каде Бергман добил награда за „најдобар поетски хумор“.[1][2]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Адвокатот Фредрик Егерман (го игра Гунар Бјернстранд) е оженет со Ана (ја игра Ула Јакобсон), која е далеку помлада од него и сè уште е невина. Фредрик има син од претходниот брак - Хенрик (го игра Бјерн Бјелфенстам), кој студира теологија. По смртта на првата жена, Фредрик имал љубовница - глумицата Дезире Армфелд (ја игра Ева Далбек), со која подоцна ја раскинал врската. Еден ден, Фредрик купува карти за театарската претстава во која игра Дезире и на претставата ја води и својата млада жена. Попладнето, пред претставата, во сонот, додека ја бакнува својата жена, Фредрик ја нарекува со името Дезире. На претставата, Ана се навредува кога ќе ја здогледа Дезире и заедно со сопругот, предвреме ја напушта претставата.

Дома, Ана си легнува, а Фредрик излегува и оди во театарот кај Дезире. Во гардеробата, тој здогледува едно момче и ја прашува дали тоа е неговот дете, но Дезире не му одговара. Потоа, таа го кани Фредрик во нејзиниот стан, но таму доаѓа сегашниот љубовник на Дезире - грофот Карл Магнус Малколм (го игра Јарл Куле). Затоа, Фредрик мора да си замине, но бидејќи облеката му е наводенета (претходно тој паѓа во една бара), тој мора да си оди облечен во пижамите на грофот Малколм.

Подоцна, Дезире ја раскинува врската со грофот Малколм и за да си го врати Фредрик, таа смислува план - нејзината мајка ги кани Фредрик и грофот Малколм да поминат еден викенд кај неа. Притоа, Дезире се договара со грофицата Шарлот Малколм (ја игра Маргит Карлквист), која исто така, сака да си го врати својот маж. Фредрик и грофот Малколм пристигнуваат во куќата на Дезире, заедно со своите сопруги. За време на вечерата, Хенрик доживува нервен слом и си оди во својата соба. Tаму, тој се обидува да се обеси, но јажето се кине и тој паѓа при што случајно активира еден таен механизам кој креветот од соседната соба го пренесува во неговата соба. Во креветот спие Ана и Хенрик започнува да ја бакнува. Ана се буди и му кажува дека отсекогаш била вљубена во него. Тогаш, двајцата бегаат од имотот, а Фредрик го гледа нивното заминување.

Истовремено, Дезире го буди грофот Малколм и го лаже дека жена му се наоѓа во павилјонот во градината, заедно со Фредрик. Грофот е бесен и оди во павилјонот каде го предизвикува Фредрик на партија "руски рулет". Фредрик го приближува револверот до својата глава и се слуша пукот, но тој не умира, бидејќи грофот Малколм го наполнил револверот со саѓи. Така, грофот Малколм се помирува со жена си, Фредрик отанува со Дезире, а Петра, слугинката на Фредрик (ја игра Хариет Андерсон) се вљубува во слугата на Дезире.[1][2]

  1. 1,0 1,1 IMDB - Smiles of a Summer Night (1955), (пристапено на 4.5.2014)
  2. 2,0 2,1 Антена, број 824, 11.4.2014, стр. 18.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

YouTube - Smiles of a Summer Night (1955)